Хроника · Утринско издание 23.11. · вест 18 од 18
Три лица лишени од слобода, три приведени при акциска контрола во Скопје
МВР соопшти дека во акцијата се евидентирани 14 сообраќајни прекршоци и е проверен идентитетот на 34 лица.

При акциска контрола во Скопје три лица се лишени од слобода, три се приведени, а евидентирани се 14 сообраќајни прекршоци.
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Скопје во ноќта меѓу сабота и недела, од 20 до 6 часот, спровеле акциска контрола на централното градско подрачје.
При контролата извршени се проверки на идентитет на 34 лица, преглед кај 25 лица и прегледани се четири возила.
Констатирани се 14 прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Извршена е контрола во осум угостителски објекти и клубови за автоматски игри на среќа, при што не биле забележани неправилности и не биле затекнати малолетни лица кои консумираат алкохол.
Приведени се две лица, странски државјани, и едно лице по член 15 од Законот за личната карта.
Лишени од слобода се две лица за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а едно лице по член 297а од Кривичниот законик.
Од МВР појаснија дека за време на акцијата е извршено превентивно делување со присуство и обиколки во паркот во Капиштец, на булеварот Партизански одреди и кај игралиштето "Дрвен Град".
Од МВР додадоа дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови.