Хроника · Утринско издание 22.11. · вест 26 од 31
Пет лица под истрага за тепачка пред скопскиот аеродром
МВР соопшти дека вчера дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две групи.

Вчера во 14:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Меѓународниот аеродром Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка. Тепачката била меѓу таксисти.
Во инцидентот учествувале пет лица: Ш.Б. (56), А.Б. (37) и Б.Б. (33), сите од Скопје, од една страна, и Х.Л. (55) и А.Л. (30), двајцата од селото Ќојлија, скопско, од друга страна.
Од МВР соопштија дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Снимки од настанот, објавени на социјалните мрежи, покажуваат полицајци кои се обидуваат да ги раздвојат двете групи пред аеродромската зграда.