Свет · Утринско издание 27.11. · вест 20 од 20
Танкер со дизел се преврте во близина на Ибица
Еден член на посадата загина, а уште шестмина се лекуваат од полесни повреди, како хипотермија.

Танкерот Мед Емре, кој превезувал до 7.000 тони дизел, вчера се преврте во близина на островот Ибица, при што загина еден член на посадата, соопштија шпанските власти. Бродот пловел под малтешко знаме, а несреќата се случи рано наутро во водите помеѓу Валенсија и Ибица.
Сите 17 членови на посадата беа евакуирани, а седуммина беа пренесени во болница. Еден од нив подоцна беше прогласен за мртов. Шестмината што се лекуваат имаат полесни повреди, како хипотермија, според шпанските медиуми.
Регионалниот директор за итни случаи Пабло Гарис изјави дека танкерот не потонал целосно, како што првично беше објавено. Бродот останува делумно потопен. Танкерот бил на пат од пристаништето Алхесирас кон Барселона.
Шпанските власти истражуваат дали е предизвикана штета врз животната средина, а можната еколошка штета се проценува со авион и брод за контрола на загадувањето. Поморската капетанка на Валенсија, Елена Делгадо, изјави за Франс прес дека малата дамка што се формирала околу бродот исчезнала и дека ситуацијата е стабилизирана, а дополнителни инспекции беа најавени за денеска наутро.