Хроника · Утринско издание 25.11. · вест 07 од 20
Раководител во Комунална хигиена двапати пријавен за закани, претходно кај него најден пиштол
МВР ќе поднесе кривична пријава против Љ.Б. (52) за пиштолот, но не и за заканите кон колешката.

М.М. (41) од Скопје, вработена во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба, пријавила дека ѝ се заканувал колега, соопшти вчера СВР Скопје. Во вчерашниот билтен на МВР стои дека таа на 23 ноември во СВР Скопје пријавила дека закани ѝ упатувал Љ.Б., со кого работат во истото претпријатие. Истата жена и на 20 ноември пријавила дека Љ.Б., раководител во јавното претпријатие, повеќе пати ѝ упатувал закани на работното место, што МВР го објави во билтенот од петокот. Станува збор за ЈП "Комунална хигиена" Скопје.
На 19 ноември, ден пред првата пријава, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на булеварот "Гоце Делчев" запреле патничко возило "Дачија", сопственост на ЈП "Комунална хигиена" Скопје, во кое Љ.Б. (52) бил совозач. При прегледот кај Љ.Б. бил пронајден пиштол "Црвена застава" калибар 7,65 мм со рамка со седум куршуми, по што тој бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гази Баба.
Од МВР вчера одговорија дека пиштолот е одземен со потврда за привремено одземени предмети и дека Единицата за недозволена трговија ќе поднесе кривична пријава против Љ.Б. до Основното јавно обвинителство Скопје по член 396 од Кривичниот законик. Од МВР велат дека пријавата се однесува само на делото со пиштолот, а не и на заканите. Членот 396 се однесува на неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, а не е наведено дали оружјето е нелегално.
Директорот на ЈП "Комунална хигиена", Драги Митковски, во неделата потврди за Телма дека во претпријатието е отворена внатрешна контролна постапка, а вчера не одговори на повиците.