Хроника · Утринско издание 26.11. · вест 21 од 21
МВР: Низа случаи на семејно насилство низ земјава, дел од осомничените приведени
Меѓу пријавените случаи има напади врз деца, родители и партнери во Скопје, Тетовско, Прилеп, Струга и Чашка.

Низа случаи на насилство низ земјава беа регистрирани во вчерашниот полициски билтен. Меѓу пријавените настани има физички напади врз малолетни деца, семејно насилство, напади врз родители и партнери, но и инциденти со закани и напади со остар предмет.
Во Струмица, полицијата поднела известување според Законот за правда за децата против три деца, поради сомнение за насилство врз дете. Настанот се случил на 16 октомври во училница во основно училиште во Ново Село, каде што пријавените физички нападнале друго дете и му нанеле повреди.
Во Тетовско, маж бил приведен под сомнение дека ја нападнал сопругата. Во Струга, 38-годишен маж се соочува со кривична пријава поради напад врз неговиот татко и упатување закани. Во Прилеп бил приведен 61-годишен маж кој ја нападнал својата 81-годишна мајка. Во општина Чашка, 34-годишен маж ја нападнал својата 26-годишна вонбрачна сопруга.
Во Скопје, 47-годишен маж и 42-годишна жена биле приведени по пријава дека подолг период физички и психички ги малтретирале нивните три малолетни деца. Скопската полиција привела и 32-годишен маж кој ја нападнал својата 64-годишна мајка и оштетил дел од покуќнината. Исто така, приведени се 42-годишен маж осомничен за напад врз партнерката, како и 47-годишна жена која ја нападнала својата 19-годишна ќерка и ѝ се заканувала со остар предмет.
Кривична пријава е поднесена против тројца жители на Битола, кои на 23 август во Пештани физички го нападнале мажот кој во рацете го држел своето малолетно дете. Детето при нападот се здобило со телесни повреди.
Во Радовиш бил приведен 54-годишен маж кој, според пријавата, со остар предмет нападнал 19-годишно момче од Градашорци. Во општина Долнени, 25-годишник бил приведен поради напад врз неговиот 50-годишен татко.
Од МВР информираат дека за дел од случаите се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање, по што ќе следуваат соодветни поднесоци до надлежните институции.