Политика · Дневно издание 28.11. · вест 16 од 17
СДСМ побара Гаши да свика итна седница за насилството врз жените
Опозицијата бара и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка.

Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска побараа од претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика итна седница за насилството врз жените. Барањето е за седница со една точка на дневен ред: постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство и во заштитата на жртвите.
Опозициската партија реагира на последниот случај на семејно насилство во Гостивар, во кој жена била претепана од сопругот и се наоѓа на скопските клиники со тешки повреди и скршеници на ребрата. Од СДСМ бараат институционална одговорност и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка.
"Секоја жена што пријавува насилство мора да добие заштита веднаш. Затоа бараме пред Собранието да се одговори зошто нема одговорност, што се случува по секоја пријава, кој го проценува ризикот и кој проверува дали мерките за заштита се спроведуваат. Таму каде што имало пропусти, мора да има одговорност", велат од СДСМ.
СДСМ посочи дека во 2025 година се регистрирани шест фемициди, а до ноември годинава се евидентирани седум убиства на жени. Според СДСМ, само од јануари до октомври годинава МВР регистрирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство. Партијата посочи дека, според деветмесечниот пресек на МВР, повеќе од 80 отсто од жртвите на кривичните дела се жени. Опозиционерите сметаат дека Собранието мора да побара одговори од надлежните институции и да утврди конкретни мерки и рокови за навремена заштита на жените.