Бизнис · Утринско издание 24.11. · вест 16 од 19
Цените на нафтата паднаа на тримесечен минимум
Падот е предизвикан од зголемените испораки од Блискиот Исток и прогнозата за вишок на понуда.

Цените на нафтата на светските берзи паднаа на најниското ниво во последните три месеци. Падот продолжува по вчерашното поевтинување од повеќе од три отсто, предизвикано од зголемените испораки од Блискиот Исток и повторното ставање во функција на нафтоводот Шарара во Либија.
На денешното тргување, цената на нафтата од типот "брент" се спушти на 89,10 долари за барел, додека американската лесна сурова нафта се тргуваше по цена од 79,97 долари за барел.
Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) процени дека понудата во четвртиот квартал треба да достигне околу 105 милиони барели дневно, околу 1,7 милиони барели дневно повеќе од очекуваната побарувачка. Експертите на "Џеј Пи Морган" проценуваат дека поради прогнозираниот вишок во понудата, цените на нафтата би требало да паднат под 80 долари во првата половина од следната година.
Вниманието на инвеститорите сега е насочено кон состанокот на ОПЕК плус, закажан за 29 ноември, на кој ќе се разгледуваат состојбата на пазарот и идните производствени политики.